Набавката на „Трикафта“ заглави во институционалните лавиринти
Од Асоцијацијата за цистична фиброза бараат веднаш да се обезбеди лекот „Трикафта“ за сите пациенти на кои им е потребен. Реагираат бидејќи не се вклучени во работните групи иако им било ветено. Упатено и барање за измени во законите …

Продолжува неизвесноста за речиси 120 пациенти со цистична фиброза кои можат да го примаат лекот „Трикафта“. Набавката на терапијата е заглавена во министерството – владини лавиринти, се пожалија болните. Велат-сè уште нема финансиски план и план за реализација за набавка на лекот, иако одамна се истечени роковите. Пациентите рекоа и дека членот на Асоцијацијата никогаш не бил повикан на состанок на работната група.
„Ние именувавме член но тој никогаш не бил повикан со образложение дека тие правеле научни работи во комисијата и дека тој не бил потребен во таа фаза. Министерот за здравство велеше дека ќе бидете вклучени? – Да, но не сме вклучени уште, нашиот член не бил повикан на ниту една седница на таа комисија“, изјави Елмир Селфулаи – родител на дете со цистична фиброза.
Откако наполнил 26 години, на Александар Стамболиски за витаминска терапија месечно му се потребни речиси шест илјади денари. Други пациенти имаат потреба и од дополнителни витамини. Тој ги повика политичките партии да ги поддржат законските измени кои предвидуваат ослободување од партиципација за медицински услуги и лекови за пациенти постари од 26 години. Побара терапија за сите болни, бидејќи 12-те пациенти кои веќе примаат „Трикафта“ се препородени.
„Со оваа терапија која ние моментално ја имаме, ние не можеме да ја спречиме болеста, ни делува само на симптомите да не кашламе, а не можеме да оздравиме. Доколку би примале Трикафта нашата состојба би се подобрила. Имаме примери, овие 12 пациенти можат да кажат, сега се препородени“, нагласи Александар Стамболиски, пациент со цистична фиброза.
„Бараме и очекуваме поддршка од сите политички партии и пратеници од Собранието за прифаќање и брза реализација на законските измени. Како пациенти и родители на пациенти со цистична фиброза да ги потсетиме на добиеното ветување за достапност на модуларна терапија за сите пациенти со цистична фиброза и се надеваме дека ова ветување ќе биде реализирано во најкус можен рок“, рече Жоржета Илиевска, родител.
Лекот „Трикафта“ со интервентен увоз беше набавен за 12 пациенти кои беа во критична состојба. Владата најави дека терапијата ќе ја обезбеди за уште 30 до крајот на годината.
Андријана Ѓурческа
