Рот: Македонија не е ништо полоша од останатите кандидати за влез во ЕУ
Доколку на 1-ви јули се почнат преговори и со Албанија, целосно ќе го разбереме вашето незадоволство. Надвор од регионот проблемот со името се гледа како апсурден, смета државниот секретар на германското МНР, Михаел Рот...

Ако се исклучи проблемот со името на Македонија, таа не е воопшто во полоша состојба од останатите кандидати за влез во Европската Унија, истакна на дебатата на тема „Поглед наназад-Поглед нанапред-Обединување на Европа”, државниот секретар на германското МНР, Михаел Рот.
„Македонија не е во ништо полоша состојба од останатите кандидати-членки од Западен Балкан со кои веќе имаме почнато пристапни преговори за членство во Унијата. Доколку на 1-ви јули се почнат преговори и со Албанија, целосно ќе го разбереме вашето незадоволство. Надвор од регионот проблемот со името се гледа како апсурден. Претседателствувањето на Атина со Унијата беше можност, Грција на широко да ја објаснува својата позиција околу проблемот. Потребно е во текот на следното италијанско претседателствување да се дадат конкретни предлози за решавање на спорот”, изјави Рот.
Македониската амбасадорка во Германија, Корнелија Утевска Глигоровска, која учествуваше на дебатата ги искажа своите очекувања, по петте позитивни препораки, Македонија да ги почне преговорите за членство во Унијата.
„Европа треба да се придржува на ветеното, а кандидатите за членство нема да имаат политички „попусти“. Од 2005 година Македонија е земја кандидат, а од 2009 година Комисијата дава предлози за почеток на пристапните преговори. Сите предуслови се исполнети. Блокирањето од страна на Грција е единствената пречка за стартот на пристапните преговори. Се останато на што се упатени забелешките се работи, кои во текот на преговорите може да се променат, подобрат“, рече Утевска-Глигоровска.
