Руско - украински конфликт

Тројца загинати во руски ракетен напад врз Одеса

14.06.2023 12:44

Три лица се убиени, а десетина се ранети во руски ракетен напад врз Одеса. Киев и натаму се фали со напредок во контраофанзивата, додека Кремљ тврди дека загубата на противничката страна била 10 пати поголема.

Три лица се убиени, а десетина се ранети во руски ракетен напад врз Одеса. Биле употребени крстосувачки ракети од типот „Калибр“. Два од проектилите биле соборени од противвоздушната одбрана. Киев и натаму се фали со напредок во контраофанзивата, која според рускиот претседател Путин, почнала на 4-ти јуни, но не била успешна. Кремљ процени дека загубата на противничката страна била 10 пати поголема. Во меѓувреме, продолжуваат санациите на штетата од нападот врз браната Каховка. Украинскиот претседател Зеленски се сретна со шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Гроси кој беше во Киев и Запорожје.

„Се соочуваме со предизвици бидејќи Русија ја уништи и разнесе нашата хидроцентрала во Каховка. Сакаме да знаеме кои се ризиците, особено за нуклеарната централа поради експлозијата на браната. Сакаме да знаеме и како може да соработуваме“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Москва не најавува нова мобилизација засега, но не ја исклучува како сценарио. Претседателот Путин, потврди дека е зголемено производството на воената индустрија.

„До одреден степен, западните земји ги прекршуваат меѓународните законски акти за снабдување со оружје во конфликтната зона. Само претпочитаат да не го забележат тоа. Забораваат на нив, ќе го сторат тоа во секој случај и целосно е бесмислено да им пристапиме пак зашто имаат сопствени геополитички цели во однос на Русија. Никогаш нема да им се остварат, и ќе станат свесни за тоа“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

По најавите на рускиот претседател Путин за засилување на офанзивата, унгарскиот министер за надворешни работи предупреди на дополнителен миграциски притисок. Во изминатите месеци, руските граници станаа зачестена цел на напади, кои според Кремљ, ги вршеле украинските сили со дронови и копнени единици.

„Војната ни е во соседството, знаеме дека во случај на ескалација, таа ќе се случи во географски најблиските места, не на далечина од илјадници километри. Украина ни е сосед, таму се води војна, оттаму доаѓаат бегалцидосега се над милион. Имаме јужна граница која е крајот на западнобалканската рута, којашто е најактивната рута за миграција на светско ниво“, изјави Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија.

Белорускиот претседател Лукашенко, тврди дека неговата земја веќе почнала да добива нуклеарно тактичко оружје од Москва.

 

Маја С. Филдишев