Косово

Брисел со нацрт-мерки за владата на Косово

14.06.2023 12:50

Шефот на европската дипломатија Борел со нацрт-мерки што треба Брисел да ги преземе доколку Курти соодветно и брзо не направи чекори за деескалација на ситуацијата и намалување на тензиите на северот на Косово. Курти пак, со пакет од пет точки за смирување на ситуацијата…

Мирно на Косово по најновите тензии кои се подигнати на високо ниво, поради апсењето на еден од организаторите на протестите на Србите од 29-ти мај, во кои имаше повредени цивили и војници на КФОР. Амбасадорите на САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија и Германија, како и шефот на делегацијата на Европската унија, во Србија на средба со српскиот претседател Вучиќ. Премиерката Брнабиќ, го обвини косовскиот колега Курти за ескалација на насилството.

„Се надевам и апелирам, уште еднаш, до сите наши меѓународни партнери да помогнат во зачувувањето на мирот, да помогнат во зачувувањето на стабилноста и да продолжат да инсистираат на спроведување на сите договори, што значи формирање на асоцијација на српски општини“, изјави српската премиерка, Ана Брнабиќ.

Амбасадорите на земјите од Квинтата, вчера во Приштина, исто така разговараа за состојбата на северот. По средбата, косовскиот премиер го откри планот на неговата влада од пет точки за нормализирање на ситуацијата, што меѓу другото предвидува одржување предвремени избори во четирите општини со српско мнозинство и враќање на преговарачката маса.

„Ја изразив мојата посветеност за деескалација на ситуацијата на северот и нормализација на односите со Србија. На Борел и на земјите од Квинтата им доставив листа на конкретни чекори; Владеење на правото во четирите северни општини, насилните групи веднаш да се повлечат од територијата на Косово, косовската полиција и КФОР ќе вршат заеднички безбедносни проценки на секои 15 дена. Владата на Косово по консултации ќе распише предвремени избори во четирите општини на север и Косово и Србија веднаш да се вратат на дијалогот со посредство на ЕУ“, изјави косовскиот премиер, Аљбин Курти.

По објавите дека Брисел подготвува предлог-мерки, насочени кон Владата на Косово поради недостиг од политичка волја за деескалација на ситуацијата на северот, аналитичарите велат дека санкциите на меѓународната заедница доаѓаат доцна и ќе биде потребно време за да се смири ситуацијата.

„Мислам дека ќе биде нестабилно во наредниот период и дека можеме да очекуваме уште денови во кои сирените најавуваат присуство на специјалните сили на косовската полиција во центарот на градот“, рече Милица Андриќ Раки, политички аналитичар.

Белград и Приштина постигнаа договор со посредство на ЕУ за нормализирање на односите. Планот за имплементација од 11 точки останува во фокусот на разговорите со посредство на претставници од Вашингтон и Брисел.

 

Маријана Димовска