Македонија

Алиу: Интензивно се работи на дигитализација на услугите

14.06.2023 13:15

Министерот посочи дека активно се работи на основањето на Дигиталната Агенција која ќе се фокусира на дигитална инклузија, дигитални јавни услуги со што ќе се подобри економијата на земјата, транспарентноста и отчетноста на институциите...

Со обезбедување на побрзи електронски услуги и зголемување на институционалната транспарентност, го намаливме времето потребно за граѓаните да ги добијат основните услуги. Ги поставивме приоритетите во однос на потребите на нашите граѓани со попреченост, обезбедувајќи подобрен пристап до дигиталната инфраструктура и приоритет во услугите на административните шалтери, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, на прес-конференцијата на која го презентираше сработеното во изминатите 100 дена.

Посочи дека активно се работи на основањето на Дигиталната Агенција која ќе се фокусира на дигитална инклузија, дигитални јавни услуги со што ќе се подобри економијата на земјата, транспарентноста и отчетноста на институциите. Активно се развиваат стратешки документи со единствена цел, да бидеме во чекор со дигиталната стратегија на ЕУ „Дигитален Компас“.

Процесот на изработка на Стратегиите за ИКТ и Сајбер безбедност, се одвиваат со забрзана динамика. Во изминатите 100 дена сведоци сме на извонредното проширување на дигиталните услуги на националната платформа, со ветувањето за дигитализација на повеќе од 150 нови електронски услуги до крајот на годината, нагласи Алиу.

Во однос на реформите во јавната администрација, истакна дека финализирана е новата Стратегија за РЈА (2023-2030) во согласност со нашиот стратешки приоритет за членство во ЕУ, овој сеопфатен осумгодишен документ е дизајниран да ја води нашата земја кон членство во Европската Унија до 2030 година, потоа финализирани се Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници кои веќе се во владина процедура, исто така активно се работи на процесот на реорганизација и оптимизација на органите на државната администрација, агенциите и инспекциските служби.

Истакнувајќи ја длабоката посветеност за слободни медиуми кои му служат на највисокиот јавен интерес, министерот истакна дека новиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги веќе е во собраниска процедура и се очекува брзо да се изгласа, наскоро ќе се заврши и вториот дел од законот, а наскоро работната група ќе почне да работи и на Законот за медиуми.