Тактизирање за уставните измени
Власта подготвена да се откаже од премиерската функција ако опозицијата гласа за уставни измени. ВМРО-ДПМНЕ порача да не се лицитира со функции и чека одговор од социјалдемократите за понудените предлози. СДСМ бара продолжување на дијалогот за обезбедување на европската иднина…

Една недела по лидерската средба, власта и опозицијата со непроменети ставови и толкувања за кажаното на состанокот. Од СДСМ тврдат дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ прифатила уставни измени и дека овој парламентарен состав има легитимитет и мандат да ги спроведе. Ги повикаа опонентите да формираат работни групи за да продолжи дијалогот.
Од ВМРО – ДПМНЕ бараат конкретен одговор кој од двата предлога на Мицкоски се прифатливи за власта. Преодна влада, без ДУИ и одложена примена на уставните измени или пак брзи избори, европски гаранции со финансиска поддршка за државата и барање Бугарија да имплементира барем 3 пресуди на Европскиот суд за човекови права по тужбите на Македонците. Од партијата велат, ако не се прифати ниту еден од вака скроените предлозите, нема потреба од формирање работни групи.
Од БЕСА велат дека без мандат од народот нема да бидат дел од никакви калкулации за влада и бараат предвремени избори.
Власта смета дека одложената примена на уставните измени што ја бара Мицкоски е надвор од преговарачката рамка и измените треба да се имплементираат со одржување на втората меѓувладина конференција, што пак за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо. Уставните амандмани треба да влезат во собраниска процедура кон крајот на месецот, а за да бидат усвоени потребно е за нив да гласаат 2/3 од пратениците.
Анита Димитријевска Велковска
