Водата во Охридското Езеро во најголем дел е од прва класа
Водата во Охридското Езеро е генерално од прва и втора класа, што значи дека љубителите на капењето, спортот и рекреацијата ќе можат безгрижно да уживаат во текот на ова лето. Единствена црна точка е просторот каде што се наоѓа едриличарскиот клуб, во близина на Студенчишкиот канал, каде што најверојатно во цевководот за атмосферска вода се приклучени канализациски системи на згради или куќи кои го загадуваат езерото, поради што водата е од петта класа…

Примероците на вода коишто се земени во три наврати од Охридското Езеро на потегот Свети Наум-Радожда и врз кои се извршени комплетни физичко-хемиски и микробиолошки анализи покажуваат дека во најголем број на случаи водата хемиски е од прва класа, а микробиолошки се класифицира како одлична. Иако има примероци од втора класа од охридскиот Центар за јавно здравје велат дека љубителите на капењето, спортот и рекреацијата слободно ќе можат да уживаат долж брегот од македонска страна. Единствена црна точка е просторот кај едриличарскиот клуб каде што во езерото се влева изворската вода од Студенчишкиот канал. Тука најверојатно во цевката за атмосферска вода има диви приклучоци од фекална канализација поради што водата е од 5 класа.
„Ние нашите резултати, нашите извештаи и наоди ги испраќаме до соодветните државни институции и инспекции, и локални и државни. На нив е да преземат мерки за расчистување дали навистина имаме цевки коишто се приклучени на таа атмосферска вода. Точно е дека тука треба да биде атмосферска вода и точно е она што ние можеме да го потврдиме дека тука излегува фекална вода“, вели Сашо Точков, директор на Центар за јавно здравје Охрид.
Со зголемувањето на температурите на одредени делови од крајбрежјето можна е деградација на водата.
„Од искуството што го имаме години наназад очекуваме дека во јули и август водата ќе претрпи одредена деградација заради пред сè поголемиот број на гости, на туристи коишто ќе престојуваат покрај брегот и ќе го оптоварат колекторскиот систем, а со самото тоа и Охридското Езеро“, додава Точков.
Точков смета дека треба да се засили контролата за градба на објекти долж брегот и воопшто во градот, бидејќи со тоа се оптоварува веќе истрошениот колекторски систем, кој треба или целосно да се рехабилитира или да се изгради нов инфраструктурен објект.
Сашо Нелоски
