Костадиновска-Стојчевска: Ќе направиме правно издржано повеќегодишно финансирање на заштита на културното наследство
По откривањето трослојно сликарство во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Лешок, министерката за култура најави повеќегодишни финансирања за заштита на културното и духовното наследство. Покрај трослојното сликарство, деновиве има и нови откритија на олтарот...

Во олтарот на манастирската црква, пронајдена фреска од арихирејот Кирил Александриски, стара и до 8-ми века. Се работи за најстариот живопис во храмот покрај тие од 17-ти и 19-ти век.
Ова е ретко културно-духовно богатство, за чија заштита ќе треба повеќегодишна конзервација, но и поголеми средства, велат од Националниот конзерваторски центар.
Ваквите откритија ни укажуваат дека треба да имаме се повеќе вложувања во областа на културата, изјави Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Таа денеска го посети Лешочкиот манастир, по информациите за откриеното трослојно сликарство во храмот Пресвета Богородица.
Постојниот закон не дозволува повеќегодишно финансирање на културните објекти, затоа и се работи периодично со одредени застои, додава министерката.
Во процедура е менување на законот, со цел конзервацијата да добие поголема динамика.
Таа најави и целосна реконструкцијата на конакот на Лешочкиот манастир, каде има прекини во градежните активности поради неколкуте неуспешни тендери.
Зоран Димовски
