Косово

Свечла: Србија киднапира тројца полицајци

14.06.2023 19:12

Тензиите меѓу Белград и Приштина на највисоко ниво. Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека во централниот дел на земјата се уапсени тројца косовски специјалци. Според Приштина, тие биле киднапирани од косовска територија поради што е донесена одлука за целосна забрана на увозот на стоки од Србија во Косово. Брисел воведе политички и финансиски мерки против Приштина, зашто премиерот Курти не ги елиминирал причините за кризата...

Ескалираат тензиите меѓу Белград и Приштина. Министерството за внатрешни работи на Србија тврди дека во централниот дел на земјата се уапсени тројца косовски специјалци во полна борбена опрема. Според Белград, тие на српска територија влегле со возило преку алтернативен премин и продолжил пеш. Србите тврдат дека нивните сили во ниту еден момент не ја минале административната линија.

„Терористите не се киднапирани, туку пронајдени длабоко на територијата на централна Србија, со оружје, мапи и опрема за надзор. Припадниците на нашата полиција со нога не стапнаа на територијата на Косово и Метохија и не ја прекршија резолуцијата 1244“, изјави Петар Петковиќ.

Косово, пак, со спротивна верзија на случувањата. Приштина тврди дека нивните полицајци се киднапирани од косовска територија.

„Додека кај нас се спроведуваат редот и законот, криминалната Србија влезе на територијата на Косово и киднапира тројца полицајци кршејќи го секој договор и спротивно на секое начело на меѓународните норми“, соопшти министерот за внатрешни работи Свечла.

Поради ова, Косово одлучи целосно да го забрани увозот на стоки од Србија и побара меѓународниот фактор итно да го зголеми притисокот врз Србија за косовските полицајци да бидат ослободени.

ЕУ воведе политички и финансиски мерки против Косово. Предвидени се прекини на посетите, контактите и настаните на високо ниво, и суспензија на финансиската соработка на ЕУ со Косово.

„Во правна смисла не се работи за санкции. Мерките се привремени и може да се повлечат, а зависат од развојот на ситуацијата на терен и убедливите, решителни чекори што премиерот Курти треба да ги преземе за да се намали ескалацијата. Неопходно е да се надмине сегашниот статус кво и да се вратиме на дискусиите за одржливо решение“, изјави Петар Стано, портпарол на Европската комисија.

Аналитичарите велат дека санкциите на меѓународната заедница доаѓаат доцна и ќе биде потребно време за да се смири ситуацијата.

 

Марина Ристова