КОСОВО – СРБИЈА

Косовската влада забрани влез за српска стока во земјата

15.06.2023 12:53

Приштина го подигна нивото на безбедност. Засилени контроли и ограничен сообраќај на границата со Србија. Агресија и дестабилизација е апсењето на припадници на косовската полиција, вели Курти. Вучиќ обвини дека сака да предизвика војна…

По апсењето на тројца припадници на косовската полиција, косовската влада вчеравечер донесе одлука да забрани влез на српска стока во Косово. За товарни но и празни камиони со српски регистарски таблици е забранет влез преку граничните премини.

„Вчера, од 16:00 часот по средноевропско време, сообраќајот за камиони беше прекинат. Овде сме цела ноќ, ништо не се случува утрово. Ние чекаме. Никој не ни кажува ништо“, вели возач од Нови Пазар.

„Понекогаш имаат забрана од страна на Косово, понекогаш од српска страна. Но, ние сме тие што страдаме, ние, возачите кои си ја работиме работата фер, и заработуваме за леб. Мислам дека не можеме повеќе да го поднесеме ова“, вели возач од Тутин.

Претседателот на Србија, Вучиќ го обвини косовскиот премиер дека сака да предизвика војна. Вели, преминат е рубикон, алудирајќи на точка на вжештување со Приштина.

Советот за безбедност на Косово им наложи на надлежните органи и институции да ја зајакнат контролата на границата со Србија.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Борел, побара од шефот на косовската влада да преземе решителни чекори за смирување на ситуацијата, во согласност со мерките што ги бараат земјите членки на ЕУ и американските партнери.

„Ќе можеме да постигнеме напредок во нормализирање на односите додека се справуваме со кризниот менаџмент. ЕУ и САД инвестираа многу во нормализацијата и сакаме да видиме како ќе напредува“се вели во писмотошто Борел му го испратил на косовскиот премиер.

Курти одговори дека одлуките што ги донесува ги координира со КФОР и ЕУЛЕКС, и дека полициските операции не се работа на ниту едно европско официјално лице. Вучиќ му одговори дека КФОР не знаел за движењето на косовските полицајци приведени на границата.

Состојбата кулминираше на 29-ти мај, кога српските демонстранти се судрија со членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР, во Звечан. Во судирите беа повредени десетици луѓе од двете страни. За денеска повторно се закажани мирни протести на Србите во Косово.

 

Марина Ристова