Потрагата по преживеани по бродоломот продолжува, во Грција прогласена тридневна жалост
Во Грција прогласена тридневна жалост. Потрагата по преживеани по бродоломот во близина до Грција продолжува, во рибарскиот брод имало повеќе од 700 луѓе, меѓу нив и деца. Инцидентот се проценува како еден од најтешките катастрофи годинава…

Патот до ветената земја кобен за стотици мигранти. Потрагата по преживеани по бродоломот во близина до Грција продолжува, но без успех. Во рибарскиот брод што испловил од Тобрук, Либија, имало повеќе од 700 луѓе, меѓу нив и деца. Инцидентот се проценува како еден од најтешките катастрофи годинава. Во Грција прогласена тридневна жалост.
„Со поддршка на општина Каламата и Црвениот крст на Грција, се прават напори за да им се даде одредено олеснување на преживеаните кои се во многу тешка психолошка состојба. Бројот на исчезнати лица е навистина голем во моментов“, изјави Еразмија Румана, виш соработник за заштита во УНХЦР во Грција.
На пристаништето во Каламата, преживеаните се сместени во голем магацин каде што добиваат поддршка од болничарите. Грција е една од главните рути за бегалци и мигранти од Блискиот Исток, Азија и Африка кон ЕУ. Најголем дел од нив од Турција преминуваат кон грчките острови за да продолжат кон западна Европа.
„Овде нудиме прва помош и психолошка поддршка на оние луѓе кои претрпеле многу тежок удар, и физички и психички“, рече Катерина Цата-Шеф на Црвениот крст во Каламата.
„Изгледаа вознемирени. Кој не би бил вознемирен по бродолом? Се надеваме дека ќе се најдат повеќе преживеани“, додаде Константинос Влахониколос-волонтер.
Според новиот договор на Европската Унија, предвидена е соработка врз основа на солидарност и одговорност. Прием на мигранти или парична казна за секое одбиено лице – има за цел да го намали притисокот врз земјите на првата линија на фронтот, особено Италија и Грција, главните влезни точки на мигрантите кои патуваат преку Средоземно Море. Преговорите за предлог-законот за миграција и азил се од 2015 година. За ова прашање ќе се дискутира и на самитот на лидери на крајот на јуни. Конечниот текст треба да биде утврден до крајот на годината од Европскиот парламент.
Маријана Димовска
