Османи: Бугарија не може да поставува нови услови
Преговарачката рамка е затворена и не може да ја отвораат ниту македонската, ниту бугарската опозиција, смета шефот на дипломатијата, Османи…

Бугарија не може да постави нови услови, бидејќи преговарачката рамка е затворена. Таа не може да се отвори ниту на барање на нашата опозиција, ниту на барање на бугарската опозиција, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција на првиот ден од Преспа форумот за дијалог.
„Преговарачката рамка е затворена. Во преговарачката рамка има три патокази. Во едниот од патоказите има Акциски план за малцинствата, тоа е единствениот услов, којшто е влезен во бенчмарковите за отворање и затворање на поглавјата. Тој акциски план не се однесува само на бугарската заедница, туку се однесува на сите заедници во државата. И се разбира тука ќе треба да се исполнат сите тие услови по однос на подеднакви права на сите граѓани независно од етничката припадност“, истакна Османи.
Тој потсети дека во преговарачката рамка се и Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, во генералниот дел, каде се проценуваат добрососедските односи, а не во делот на патоказите. Османи се надева на зајакнување на дијалогот со Бугарија и оти односите ќе бидат конструктивни.
