Македонија

Во Приштина убиен македонски државјанин

15.06.2023 14:08

Македонски државјанин убиен во престрелка во центарот на Приштина. Непознати лица стрелале автомобилот во кој била жртвата, потврди косовското МВР. Во запалено возило пронајдено оружје, за кое се смета дека е поврзано со убиството...

Македонски државјанин е убиен во Приштина, во престрелка што наликува на пресметка на криминални банди. Според соопштението од косовската полиција, убиениот бил пронајден во возило со македонски регистарски таблички, а на околу еден километар од местото на инцидентот е пронајдено запалено возило со германски таблички, кое се претпоставува дека е користено за убиството.

„Засега непознати сторители пукале со огнено оружје врз жртвата, маж, државјанин на република северна Македонија. Надлежни полициски единици излегоа на местото на настанот, каде што забележаа дека во возило со македонски регистарски таблички се наоѓа едно лице, а надлежен лекар констатира дека лицето нема знаци на живот“, се вели во соопштението.

Во запаленото возило се пронајдени и две автоматски пушки „калашников“, со кои се претпоставува дека е извршено убиството на македонскиот државјанин. Македонското МНР е во контакт со косовските власти, се чекаат детали од истрагата и мотивот за убиството.

Според првичните информации застреланиот е еден од осомничените за убиството во старата скопска чаршија во „шиша бар“ по кого се трагаше со меѓународна потерница. Двојното убиство во „шиша бар“ се случи пред три месеци, а засега нема потврда дали двата настана, убиството во Приштина и пукањето во старата скопска чаршија се поврзани.

 

Ана Јосифоска-Тодоровска