Политика

Дијалогот за уставните измени на тенок мраз

15.06.2023 14:15

На тенок мраз дијалогот за уставните измени. Партиите сè уште со репозиционирани ставови. ВМРО-ДПМНЕ бара власта да даде конкретен одговор на понудените предлози. Од владејачката партија повик- дијалогот да продолжи во работните групи. Бугарија не може да поставува нови услови, преговарачката рамка е затворена- вели министерот за надворешни работи Османи…

Власта и опозицијата и натаму со непроменети ставови за уставните измени. ВМРО - ДПМНЕ инсистира на конкретен одговор од СДСМ, кој од двата предлога се прифатливи. Од партијата повторија дека под бугарски диктат нема да има отворање на Уставот.

„Двата предлога значат забрзана интеграција со заштитен идентитет. Со евентуално неприфаќање на еден од двата предлога СДС ќе покажат и докажат дека тие не се за ЕУ, туку за власт со ДУИ за да продолжат да прават криминал уште некој месец повеќе. Време е СДС да се одлучи. Ајде Ковачевски охрабри се. Не се плаши од ДУИ, ВМРО- ДПМНЕ е гарант и за патот кон ЕУ и за македонските интереси“, рече Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Дијалогот да продолжи во работни групи, да се најде модел со кој ќе се спроведат измените на Уставот, но согласно со преговарачката рамка, побараа од СДСМ. Лидерот на ДУИ подиректен: „ВМРО-ДПМНЕ да не води двојна политика“.

„Сега сите политички партии, вклучително и ДПМНЕ се согласни дека овој парламентарен состав има полн легитимитет и целосен мандат да ги спроведе уставните измени за продолжување на европскиот пат. Дополнително, ДПМНЕ нема ништо против внесувањето на бугарите во Уставот. После една година ова е значајна промена. Дојдени сме до една точка од којашто треба да се продолжи понатаму да се разговара и да не се навраќаме наназад“, изјави Марија Георгиевска, пратеничка од СДСМ.

Бугарија не може да поставува нови услови, преговарачката рамка е затворена- дециден Османи. И евроамбасадорот Гир тврди- нема нови договори, македонскиот јазик е загарантиран.

„Да ја затвориме темата, дека утре може некоја бугарска влада да каже имаме нов услов. Нема нов услов. Преговарачката рамка е затворена. Во преговарачката рамка има три патокази. Во едниот од патоказите има акциски план за малцинствата, тоа е единствениот услов, којшто е влезен во бенчмарковите за отворање и затворање на поглавјата. Ние не се надеваме дека со Бугарија ќе одиме со калкулатори. Ние се надеваме дека ќе изградиме односи каде што добрата волја ќе го води процесот“, нагласи шефот на дипломатијата, Османи.

„Не треба да се очекуваат нови договори, гаранции или ветувања што се однесува до процесот на пристапување. Од искуствата што ги гледаме од другите земји фокусот е на реформите, значи промените што треба да се случуваат и со тоа вашиот идентитет, како и идентитетот на земјата се зајакнува“, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир.

Уставните измени со кои ќе се овозможи влез и на бугарскиот народ во преамбулата, треба да влезат во собраниска процедура кон крајот на месецот, а за да бидат усвоени потребно е за нив да гласаат најмалку 80 пратеници. 

Андријана Ѓурческа