Куманово

„Бегалка“ – синоним за безвременско дело

15.06.2023 14:47

95-годишнина од премиерната изведба на култната претстава „Бегалка“ на познатиот драматург, есеист, критичар Васил Иљоски. Министерството за култура и Кумановскиот центар одадоа почит на актерите кои некогаш учествувале во делото, кое остави траен белег и ја обликуваше македонска драмска уметност...

Ленче, Бошко и Петко, се само дел од ликовите на култната претстава „Бегалка“ на Васил Иљоски, кои трајно се вградија во историјата на македонскиот театар и култура. Драмата која премиерно била изведена пред дури 95 години во далечната 1928-ма година, била насловена „Ленче Кумановче“, како дело во пет чина, на кумановски дијалект. Дел од актерската постава во 1971-ва година беа актерите Љубица Гојковиќ, Ѓорѓи Андов и Илија Струмениковски. За повеќедеценискиот придонес во театарската и филмската уметност и трајниот белег во култура, тие добија признание од министерството за култура и центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово.

„Јас не го тврдат тоа дека е култна, но публиката таа рече, дека е култна, легендарна“, истакна пензионираниот актер Ѓорѓи Андов, кој го играл ликот на Бошко.

Според министерката за култура, „Бегалка“ остави неизбришлива трага во театарот и литературата, и ја одигра клучната улога во обликувањето на македонската драмска уметност.

„Преку нашите културни изрази како што е претставата Бегалка ги пренесуваме нашите приказни, обичаи и колективна меморија на тернереции после нас“, нагласи Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура.

По повод 95-годишнината од првата премиера на безвременското дело се одаде признание и на починатите актери, како и на познатиот драматург, есеист, критичар. Во рамки на фестивалот „Денови на комедија“ ќе продолжи да се доделува и наградата „Васил Иљоски“, преку која се слават актерските достигнувања.

 

Елена Георгиевска