Нови напади со дрон врз Одеса и Крим
На фронтот и натаму жестоки битки. Погодени се цивилни индустриски објекти во Криви Рог. Дводневен состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел. Рано е да се каже, кога ќе се донесат одлуки за обезбедување западни борбени авиони за Киев, но на состанокот ќе се разговара за продолжување на помошта и за зголемување на производството на муниција. Украинскиот претседател Зеленски повторно побара неговата земја наскоро да биде примена во НАТО...

Нови напади врз Криви Риг, погодени се цивилни индустриски објекти. Дронови се пријавени над Одеса и Крим. Русија и Украина внимателно ја следат состојбата по уривањето на браната Каховка и потенцијалните ризици за нуклеарната централа во Запорожје. Во посета на објектот и директорот на МААЕ. Според нив, засега не постои директен ризик.
„И одбранбените и контраофанзивните акции се успешни. Во областите каде украинските војници се бранат себеси, немаме ниедна човечка загуба“, изјави Андриј Ковалиов, портпарол на украинската армија.
Кремљ го обвини Киев за отпор кон можностите за преговори. За 10-ти септември, Русија закажа избори во анектираните украински области.
„Илјадници украински милитанти гинат во неуспешната контраофанзива, но Киев не ги зема предвид. Имаат поинаква цел, задача. Режимот на Киев треба да ја искористи воената помош од Западот пред Самитот на НАТО во Вилнус на 11 и 12 јули“, изјави Марија Захарова, портпарол на руското МНР.
Војната главна тема и на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел. Украинскиот претседател Зеленски повторно побара неговата земја наскоро да биде примена во Сојузот.
„Заедно развиваме конкретна содржина за НАТО самитот во Вилнус. Ова е моментот кога треба целосно да се урнат руските претпоставки дека некој во НАТО сè уште се плаши од Русија. Тие претпоставки ги подгреваат руските агресивни амбиции. Мораме и ќе ги неутрализираме“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
„Украинската борба е маратон, а не спринт. Ќе продолжиме да им ги даваме потребните капацитети во моментов, потребни за долгорочна безбедност од руската агресија“, изјави Лојд Остин, министер за одбрана на САД.
„Поддршката на Алијансата за Украина прави разлика на бојното поле. Колку е поуспешна контраофанзивата, толку е поголема веројатноста дека рускиот претседател Путин некогаш ќе сфати дека не може да победи на бојното поле и дека мора да преговара“, изјави Јенс Столтенберг, Генерален секретар на НАТО.
Во однос на проширувањето, Столтенберг најави и можен прием на Шведска во Алијансата на претстојниот самит во Вилнус. Заедно со Финска, која си обезбеди место во Сојузот, оваа скандинавска земја се откажа од повеќедецениската воена неутралност и изрази подготвеност да се придружи во Алијансата поради руската интервенција во Украина. Турското вето на шведското членство е сè уште актуелно.
Маја С. Филдишев
