Oдбележан меѓународниот ден „Револуција во исхраната“
16.05.2014 12:36
Спасов најави активно вклучување на министерството во соработка со градинките во Македонија и фондацијата на Џејми Оливер, преку формирање на, како што кажа, „корнери“ за здрава храна...

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска присуствуваше на одбележување на меѓународниот ден „Револуција во исхраната“ во ЈДГОА „Срничка“ во Аеродром организиран од фондацијата на познатиот светски готвач Џејми Оливер.
„Се вклучивме во организацијата за одбележубање на овој ден кој што се одбележува во повеќе од 70 земји во 660 градови ширум светот. Целта на манифестацијата е да се истакне важноста на здрава исхрана за правилен раст и развој на дечињата уште од најмала возраст“, истакна Спасов, соопштуваат од министерството.
Целта на оваа програма е децата да се вклучат во самиот процес на производство односно во процесот на одгледување на зеленчук и овошје со цел уште од најрана возраст да го сфатат заначењето на здравата храна, нагласи Спасов.
Спасов најави активно вклучување на министерството во соработка со градинките во Македонија и фондацијата на Џејми Оливер, преку формирање на, како што кажа, „корнери“ за здрава храна.
„Планираме во септември и октомври во соработка со сите градинки, дечињата да земат активно учество и да се запознаат со целиот процес на одгледување на зеленчук и овошје“, најави Спасов.
Децата од градинката заедно со амбасадорката и министерот имаа можност да подготват еден од рецептите на Џејми Оливер наречен „Виножито“ кој се сотои од овошје и зеленчук, а преку подготовката се запоснаваа и со хранливите состојки на продукти кои беа употребени во здравата салата.
