Втор ден од Преспа форумот за дијалог 2023
„Мир и демократија наспроти војна и автократија“, „Вистинската регионална соработка го одржува бродот стабилен“ и „Безбедносните предизвици со (не) интегрираниот Западен Балкан во ЕУ“ се дел од темите на денешните панели на вториот ден од Преспа форумот за дијалог.
Во Струга, втор ден од Преспа форумот за дијалог. „Мир и демократија наспроти војна и автократија“, „Вистинската регионална соработка го одржува бродот стабилен“ и „Безбедносните предизвици со (не) интегрираниот Западен Балкан во ЕУ“ се дел од темите на денешните панели на вториот ден од Преспа форумот за дијалог.
На сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“ организирана од претседателот Република Северна Македонија Стево Пендаровски, ќе учествуваат претседателите на Хрватска Зоран Милановиќ, на Црна Гора Јаков Милатовиќ и на Албанија Бајрам Бегај, а видеообраќање ќе има и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
На вториот денешен панел „Вистинската регионална соработка го одржува бродот стабилен“ предводен од премиерот Димитар Ковачевски, видеообраќање ќе има претседателката на Европскиот Парламент Роберта Метсола. Свои обраќања ќе имаат премиерите на Црна Гора Дритан Абазовиќ, на Косово Албрим Курти и Генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) Мајлинда Брегу. „Безбедносните предизвици со (не) интегрираниот Западен Балкан во ЕУ“ е насловен панелот што ќе го преводи министерот за надворешни работи Бујар Османи.
На првиот ден од Преспа форумот за дијалог, вчера беше посочено дека на Европската Унија и е потребна јасна визија кон земјите од Западен Балкан, но и оти денес и Западен Балкан ѝ е потребен на ЕУ, посебно ако се земат предвид новите геополитички и безбедносни случувања.
Премиерот Димитар Ковачевски на официјалното отворање посочи дека договорот од Преспа и сите следни чекори што актуелната власт ги преземала ја обновиле вербата во дипломатијата, промовирајќи го отворениот дијалог како придобивка. На официјалната сесија за отворање „Пет години по Преспанскиот договор: предизвици претворени во можности“ на Преспа форумот за дијалог во Струга тој посочи дека реалистично гледаат на 2030 година, како на достижна цел за полноправно членство на државава во ЕУ.
