Лоши услови за лекување на дијабетичарите во Куманово

16.05.2014 13:04

Во Куманово има многу лоши услови за заболените од дијабетес. Само еден доктор и неадекватен простор за згрижување. Кога ќе се подобри состојбата?

Околку 7.000 лица заболени од дијабетес има во кумановскиот регион, од кои 2.000 се на инсуслинска терапија. Во центарот за дијабетес со заболените од болеста на 21 век работи, само еден лекар, кој како што вели откако неговиот колега отишол во пензија чека на лекар кој ќе се специјализира од оваа област.

„Секојдневно имаме од три до четири новозаболени пациенти. Причините се различни од генетскиот фактор, до начинот на исхрана и изложеноста на стрес кај луѓето“, вели д-р Исмаил Бајрами, специјалист дијабетолог.

Покрај кадровскиот проблем, центарот за дијабетес има и просторен. Од менаџерскиот тим велат дека имаат изготвено решение, за дислоцирање на бараката во соодветни простории во рамките на болницата.

„Размислуваме да го преселиме кај Центарот за дијализа кој до кракот на годината ќе се дислоцира на друго место, бидејќи веќе е под концесија на приватник. Тој простор ќе го дадеме на Центарот за дијабетес каде ќе има далеку подобри услови“, изјави директорот на Општа Болница Куманово, Ариф Љатифи.

Со редовни контроли на нивото на шеќерот во крвата, болеста може да се открие навреме и да се превземат соодветни мерки, сметаат граѓаните.

„Мислам дека најважно е да се оди кај лекар редовно, да се почитуваат препораките за внесување здрава храна и физички активности“, изјави еден граѓанин.

Центарот за дијабетес покрај третирање на заболените, врши и тернска едукација заедно со Здружението на дијабетичарите со цел подигање на свеста кај  граѓаните за превенција од оваа болест.

 

Габриела Димковиќ