Бундестагот донесе резолуција за Македонија
Германскиот Бундестаг ја изгласа резолуцијата за поддршка на македонскиот јазик, култура и идентитет со мнозинство гласови на пратениците од трите владејачки партии. Резолуцијата не доби поддршка од опозициските партии…

Германскиот Бундестаг со мнозинство гласови на пратениците од трите владејачки партии ја изгласа резолуцијата за поддршка на македонскиот идентитет, јазик, култура и посебност, но и се дава охрабрување на евроинтегративниот пат на земјава. Резолуцијата од 13 точки во парламентот ја претстави државната секретарка за Европа во германското МНР, Ана Лирман. Таа најави дека ќе дојде во посета на земјава да даде поттик во процесот на уставните измени. Според неа, промената на Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку го зајакнува мултиетничкиот карактер на државата.
„Граѓаните ја губат вербата во европската перспектива. Мора да ја вратиме довербата во ЕУ и да ги искористиме сите можности да ги охрабриме нашите партнери во Северна Македонија. Тврдењата дека ова ќе го загрози идентитетот се погрешни. Вметнувањето дополнителни заедници во Уставот само ќе го зајакне мултиетничкиот карактер на државата, која е пример за целиот регион“, изјави Ана Лирман, државна секретарка во германското МНР.
Резолуцијата не доби поддршка од опозициските партии, Христијанско-демократската унија на поранешната канцеларка Меркел и од баварската ЦСУ. Нивните забелешки се однесуваа зошто се издвојува само една земја од останатите во регионот.
„Да се разгледува секоја земја од Западниот Балкан одделно не е целисходно“, нагласи Кристоф Клос, пратеник од ЦДУ.
Тобијас Винклер од ЦСУ бараше да се прифати предлогот на неговата пратеничка група во која се бара поддршка за сите шест земји од Западен Балкан.
„Барате резолуција само за една земја, со лош тајминг“, рече пратеникот од ЦСУ, Тобијас Винклер.
Маркус Фронмајер од екстремната десница рече дека на земјите од Западен Балкан не им е местото во Европската унија. Според него, Македонија е корумпирана и нестабилна држава.
Александра Спировска
