Спротивставени позиции за уставните измени

Мицкоски го повика Ковачевски јавно да ги соочат аргументите

16.06.2023 12:15

Мицкоски го повика Ковачевски, очи в очи, пред јавноста да ги спротивстават аргументите за уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ не направи ништо за македонскиот идентитет и јазик-тврдат од СДСМ…

Секоја резолуција за заштита на идентитетот е добредојдена, во наредниот период очекуваме и други влијателни земји да усвојат ваков документ, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски вели дека македонскиот народ заслужува фер шанса, каква што имале и другите европски народи, без условувања и отстапки врз идентитетот, да стане дел од ЕУ во нормален процес на преговори. Мицкоски го повика Ковачевски јавно да ги соочат аргументите, а народот да цени кој е во право.

Јавноста знае чија заслуга е Резолуцијата во германскиот Бундестаг. Партијата на Мицкоски освен блокади не направи ништо за македонскиот идентитет и јазик, велат од СДСМ. Обвинија дека нивните сестрински партии гласале против овој документ. Повторно повикаа на продолжување на дијалогот.

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не отстапуваат од позициите по лидерската средба. Власта инсистира на формирање работни групи кои ќе го придвижат процесот кон конечно усвојување на уставните измени, додека пак, опозицијата е децидна-уставни измени под бугарски диктат нема да прифати и понуди две решенија за излез од ќор-сокак.

Анита Димитријевска-Велковска