Состојбата на северот на Косово тензична
Детонации во близина на станиците во Звечан и Северна Митровица. Камионите со српска стока стојат на граничните премини. Вашингтон и Брисел повикаа на смирување на состојбата...

Повторно тензии на северот на Косово. Според регионалната полиција, во текот на ноќта биле регистрирани експлозии во близина на станиците во Звечан и Митровица. Во инцидентот во кој веројатно се користеле шок-бомби нема повредени, но бил оштетен автомобил. Во тек е истрага. Инцидент и при известување на новинарските екипи. Тим од Радио-телевизија Косово бил нападнат во Звечан при што е уништено службеното возило на медиумот.
По забраната за премин на српските камиони од страна на Приштина, во северниот дел на Косово и денеска колони на сите административни пунктови. На Мердаре, Јариње и Кончуљ поминуваат само патнички возила и камиони со странски таблички.
„Додека се таму, нема мир. Стигна и КФОР од Турција. Нема напредок во намалувањето на тензиите. Како што гледате, никој од нас не прави проблеми. Во минатите денови немаше проблем на наша страна, само на нивната. Не знаеме до кога ќе трае ова. Се надеваме на подобро, но поради изјавите од Приштина сме песимисти“, вели локален жител.
„Сообраќајот за камиони е запрен. Цела ноќ сме овде, ништо не се случува ни денеска. Чекаме. Никој не може да ни каже ништо“, вели возач.
„Понекогаш има забрана на косовската, а понекогаш на српската страна. Но страдаме ние, возачите кои си ја работиме работата за да заработиме за леб. Мислам дека ни е доста од ова‘, вели друг.
Тензиите повторно се разгореа по апсењето на тројцата припадници на косовската полиција, акција која Владата на Косово ја опиша како киднапирање. Белград тврди дека биле целосно вооружени и во близина на заедничката граница. КФОР соопшти дека не била во областа и ги повика сите страни да се воздржат од еднострани дејствија. Стејт департментот побара Белград да ги ослободи, а Приштина да ја повлече полицијата. САД и ЕУ инсистираат Србија и Косово да го спроведат планот од три точки на Брисел.
Маја С. Филдишев
