Продолжува протестот во УЈП, но и процесот на медијација
Вработените во Управата за јавни приходи продолжуваат со двочасовните протести. Паралелно информираат од синдикатот тече и постапката за медијација, но и активностите за генералниот штрајк, кој би се случил за петнаесетина дена.
Продолжуваат протестите во Управата за јавни приходи. Во одделението во Куманово вработените се на своите работни места, но од 10 до 12 часот не примаат странки.
Паралелно со протестите, тече и процесот на медијација, информираат од синдикатот на УЈП. Двочасовниот протест велат ќе продолжи, се до одржување на генералниот штрајк, доколку до тогаш не се прифатат барањата за зголемување на платите во висина од 30 отсто.
„Очекуваме да преовладее разумот, да се согледа основот, бидејќи основот не е само социјално-економскиот момент, основот е директно законско решение кое во моментов не се применува, а го утврдува правото на вработените во УЈП за зголемување на платите“, нагласи Васе Неданоски, претседател на синдикат на УЈП.
Од синдикатот на УЈП информираат дека процедурата за генерален штрајк е во тек. Доколку е неопходно ќе се одржи за петнаесетина дена.
„Активностите веќе се отпочнати односно денеска ќе биде доставено известувањето на работодавецот за истиот, а Министерството за труд и социјална политика или денеска или во понеделник согласно процедурите, предлогот за помирување, со предложен помирувач од нашата страна“, дополни тој.
Штрајкот во УЈП следи откако пред два дена вработените излегоа на предупредувачки протест пред Министерството за финансии. Бараа министерот да даде согласност за колективниот договор за зголемување на платите.
Елена Георгиевска
