Ковачевски: Северна Македонија и регионот припаѓаат во ЕУ, оваа историска шанса не треба да се испушти
Втор ден Преспа форум за дијалог. Политичко обединување дома, за носење потребни одлуки за полноправно членство во ЕУ...

Политичката цел на Западен Балкан е полноправно членство во Европската Унија. Местото на сите држави од Западен Балкан е во ЕУ, а регионалните иницијативи се еден од начините на подобра соработка на патот кон полноправно членство во ЕУ. Сите држави од регионот практично сме на тој пат. Регионот денес го има потребниот лидерски потенцијал за носење на такви одлуки. Ова го нагласи премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска се обрати на сесијата: „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен“, во рамките на Преспа форумот за дијалог, што се одржува во Струга.
Ковачевски нагласи дека и на Западен Балкан и на Европа им се потребни единство и стабилност. Ние работиме во рамки на иницијативата Отворен Балкан, во рамки на Берлинскиот процес, ги истакнуваме придобивките од формирањето заеднички регионален пазар, признавањето на дипломите, на работните дозволи, на олеснетите движења на луѓе, добра и услуги – но секогаш пред нас ќе ја имаме примарната цел – соединувањето во европското семејство на народи и држави-истакна премиерот Ковачевски.
Војната на европскиот континент го вклучи алармот дека само обединета Европа, заедно со Западен Балкан во неа – е стабилна и безбедна Европа. Сè друго е дел од решението, а не и самото решение, што е потребно за сите нас, нагласи премиерот во денешното обраќање на Преспа форумот за дијалог, на којшто присуствуваат претставници на високо политичко ниво од регионот и од Европската Унија, САД и НАТО.
