Преспа форум за дијалог 2023

Регионалната соработка го одржува регионот стабилен

16.06.2023 14:03

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, беа говорници на денешната сесија „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен“, во рамките на Преспа форумот за дијалог...

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, беа говорници на денешната сесија „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен“, во рамките на Преспа форумот за дијалог.

На сесијата се дискутираше за важноста од регионалната соработка, која е клучна во услови на геополитички превирања и силна поларизација на светот.

„Со заеднички сили ја пребродивме, прво, здравствената криза, а потоа се справивме и со пикот на економско-енергетската криза во текот на зимата, што доведе до поскапување на енергијата, храната, суровините, влијаеше на инфлацијата и се закануваше на економиите. Ако не ги имавме цврсто поставено темелите на меѓусебната доверба, преку иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес, сигурно ќе бевме во потешка ситуација од денес“, нагласи премиерот Ковачевски.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, во своето обраќање истакна дека Преспа форумот за дијалог е уникатна политичка платформа за размена на идеи. Мецола изрази уверување дека Европскиот парламент ќе продолжи со својата непоколеблива поддршка за сите оние кои искрено сакаат да станат членки на ЕУ, за оние кои живеат следејќи ги вредностите на ЕУ и кои имаат храброст да се помират, да реформираат и да го свртат погледот кон иднината.

Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ посочи дека ако земјите од Западен Балкан сакаат да постигнат успех треба да зборуваат за иднината, а не за минатото. Абазовиќ додаде дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ е заемен интерес.

„Сите заедно сме мали, затоа ни е потребна регионална соработка. Ни треба поголем флексибилност на границите, да не ги менуваме границите затоа што тоа секогаш е големо проблематично прашање, кога зборуваме за Западен Балкан. Мислам дека треба да ја поддржиме секоја една иницијатива којашто може да им го олесни животот на луѓето“, истакна премиерот на Црна Гора.

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, ја потенцираше важноста на политичка волја и имплементација на сите договори, програми и планови склучени од земјите од регионот.