Вработените во Царинската управа на предупредувачки протест
Вработените во Царинската управа излегоа на предупредувачки протест. Побараа исплата на додатокот на плата во износ од 30 проценти. Велат, иако е предвиден со колективниот договор, досега никогаш не бил исплатен. Новиот директор на Царината, Богоев излезе пред вработените. Побара повеќе време да се запознае со барањата. Ги прими и на средба. Не очекува работата да стигне до затворање гранични премини, како една од можностите за радикализирање на протестите…

Паузата од работното време ја искористија за протест. Вработените во Царинската управа упатија само едно барање – да им се исплати додатокот на плата во вредност од 30 проценти што им следува со колективниот договор, а никогаш не го добиле. Во спротивно, најавија радикализација на протестите и затворање гранични премини.
Новоназначениот директор на Царина, Стефан Богоев се симна кај вработените. Ги покани на разговор претставниците на Синдикатот за да ги слушне нивните барања, но рече дека не може да вети дека ќе го реши проблемот, бидејќи на функцијата е од неодамна.
Првиот финансиер Бесими, решението за проблемот со платите на вработените во јавниот сектор го гледа во потпишувањето општ колективен договор што треба да овозможи континуирано и стабилно зголемување на платите. Но, од финансии нема одговор кога ќе се случи.
Протестот на цариниците, како што најавија од УПОЗ е прв во низата протести што ќе следуваат во наредниот период, бидејќи и други институции ќе искажат незадоволство од ниските плати.
Викторија Милевска
