Во ракетен напад на Киев уништени куќи, има и жртви
Жестоки борби во Украина, главниот град повторно на удар. Киев се фали со успеси на фронтот. Руското Министерство за одбрана ќе ги наградува војниците кои уништиле германски тенк „леопард“ или американско оклопно возило. Столтенберг од собирот на министрите за одбрана на НАТО предупреди дека се соочуваме со најголемата закана по евро-атлантската безбедност...

Нов руски напад врз киевската област. Оштетени и уништени куќи, има и жртви. Украина се фали дека нејзините трупи имаат успеси во контраофанзивата на југот и на истокот на земјата.
„Единиците на вооружените сили на Украина успешно изведоа офанзивни операции кои беа успешни. Руската федерација изврши нов воздушен напад врз Украина. Изврши повеќе воздушни и ракетни напади врз позициите на нашите војници и населени места. За жал, има мртви и ранети меѓу цивилното население, оштетени се индустриските капацитети во регионот Днепропетровск, станбени згради и административна инфраструктура во регионот Керсон“, изјави Олександр Штупун, портпарол на вооружените сили на Украина.
Руското министерство за одбрана соопшти дека руските војници ќе добијат премија за секој уништен тенк „леопард“ од германско производство и оклопни возила од сад што ги користи украинската војска.
„Од почетокот на специјалната воена операција, повеќе од десет илјади војници на руските вооружени сили добија специјални плаќања за уништување или запленување непријателска воена опрема. Плаќањата се вршат врз основа на наредбите на командантите на воените единици и се префрлаат на личните финансиски сметки на воениот персонал“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на вториот ден од министерскиот состанок на НАТО во Брисел рече дека руската „агресивна војна“ против Украина е „најсериозната закана за евроатлантската безбедност.
„Во моментов имаме над 40.000 војници под директна команда на НАТО, во состојба на готовност, сите поддржани од значителни воздушни и поморски средства. Го удвоивме бројот на мултинационални борбени групи од балтикот до црното море. Ќе го подготвиме теренот за Самитот на НАТО во Вилнус, каде што лидерите ќе донесат одлуки за дополнително зајакнување на нашата одбрана“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Состанокот на НАТО се одржува нешто помалку од еден месец пред самитот во Литванија како симболично изразување поддршка за Украина.
Марина Ристова
