Делницата Подмоље-Охрид ќе биде завршена до 10-ти јули
До 10-ти јули ќе биде завршена делницата од автопатот помеѓу Подмоље и Охрид со што нема да се наруши главната туристичка сезона. Ова при денешниот увид во работите го рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, при што нагласи дека очекува автопатот целосно да биде завршен до 31-ви декември …

Градежните работи на автопатот Охрид-Кичево на потегот од Подмоље до Охрид ќе бидат завршени до 10-ти јули, а се врши притисок тоа да биде направено пред тој рок. Ова при увидот во работите на автопатот го рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, при што посочи дека е погрешен пристапот на општината и некои здруженија кои бараат одлагање на изградбата на оваа траса.
„Сето ова коешто го правиме е за развој на туризмот во Охрид и верувам дека граѓаните ќе дадат поддршка и ќе имаат разбирање заради тоа што после овие градежни работи и завршувањето на овие градежни работи веќе влезот на Охрид и оваа делница ќе се вози по автопатско решение“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Автопатот ќе биде изграден во предвидениот рок, бидејќи се изработени сите проекти и се решени сите имотно правни проблеми, при што се извршени 3.500 експропријации.
„Затоа сме и често на терен заедно со министерот и заедно со сите изведувачи и подизведувачи. Даваме големи напори да се почитува договорот до 31 декември овој автопат да биде завршен“, изјави Ејуп Рустеми, директор на ЈП за државни патишта.
Според најавите на трасата Подмоље – Охрид ќе биде поставена еластична ограда за што веќе е започната процедура за набавка.
Сашо Нелоски
