Променливото време најлошо за хронично болните
Метеопатите и хронично болните на удар на променливото време. Матичните лекари регистрираат зголемување на бројот на граѓани кои бараат помош. Најмногу се жалат велат повозрасните но има и деца. Симптомите се различни.

Променливото време, наутро сонце, попладне дожд предизвика здравствени проблеми кај граѓаните. Најпогодени се лицата кои страдаат од хронични заболувања. Особено оние со ревматични заболувања, астма, висок крвен притисок. Матичните лекари потврдуваат дека по големите варијации на температурата и високиот процент на влажност во воздухот, помош бараат повеќе лица, особено повозрасни, но велат има и деца. Симптомите се различни.
„На ваквото време најмногу пациентите се жалат на болки во мускули, зглобови, депресија, мачнина, лоша концентрација и други психички проблеми. Делува со покачен крвен притисок, некои имаат аритмии, се задушуваат, има и главоболки, нерасположеност“, изјави д-р Фатмир Асани, претседател на Здружение на матични лекари-Куманово.
За ублажување на последиците лекарите советуваат да се внимава на исхраната, да се внесуваат течности, но и лесна и блага физичка активност.
„Би ги замолил и покрај ваквото време да не седат внатре, туку да излегуваат на шетање, без оглед на дождот за да нашиот организирам реагира“, дополни тој.
Лекарите дополнуваат дека децата особено треба да се носат на свеж воздух, за да се спречат евентуални вирусни инфекции. Според статистиката дури 30 отсто од граѓаните се метеопати.
Елена Георгиевска
