Заздравувањето на економијата сеуште не се чувствува на берзата
Ограничувачки фактори се ценовните трендови, ниските промети и пребирливоста на странските и недоволната активност на домашните компании, беше истакнато на денешната Конференција на македонскиот пазар на хартии од вредност...
Растот на македонската економија преку забрзаниот кредитен и депозитен раст, забавувањето на нефункционалните кредити и согледувањето на ризиците се позитивностите. Но, сеуште заздравувањето на економијата не се чувствува и на пазарот на капитал. Ограничувачки фактори се ценовните трендови, ниските промети и пребирливоста на странските и недоволната активност на домашните компании, беше истакнато на денешната Конференција на македонскиот пазар на хартии од вредност.
„Во последниот квартал од 2013 година и првиот квартал од 2014 година, кредитниот раст умерено забрза достигнувајќи 7,5% годишно во март оваа година. Имено, во втората половина од годината се подобрија согледувањата на банките за ризиците во однос на економската активност“, изјави гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.
Минатата година од вкупниот промет реализиран на макеоднската берза, дури 87%, отпаѓаат на купувања направени од страна на домашни физички или правни лица. Во 2013 година нема ниту една јавна емисија на хартии од вредност што покажува дека компаниите сеуште не го користат пазарот на капитал како извор на финансисрање на своите проекти, објасни директорката на Комисијата за хартии од вредност, Елизабета Чингароска.
„Индексот МБИ10 на крајот на 2008 година изнесувал 2.096, а на крајот на вчерашниот ден 1.778 поени. Ова покажува дека цените на главните акции на берзата во еден долг временски период најчесто биле во еден релативно ограничен интервал и дека никако не може да се направи пробив на повисоки ценовни нивоа“, нагласи директорот на Македонската берза, Иван Штериев.
