Велес

Мостот во Башино село пет години чека реконструкција

17.06.2023 11:51

Пролетва надојдениот Вардар беше закана по мостот кај Башино село. Иако пред пет години се констатираше дека е потребна санација или изградба на нов, ништо досега не се презема да се отстрани опасноста по возилата кои секојдневно минуваат по него…

Надојдените води на реката Вардар пролетва повторно се закана за мостот на влезот во Велес, кај Башино село. Мостот служи за влез за тешки товарни возила за индустрискиот дел на градот, но и за дистрибуција ан дрвна маса исечена од регионот на Азот. Градоначалникот на Велес, Марко Колев реагира дека мостот е опасност за возилата.

Летото 2018-та стручњаците од Заводот за испитување на материјалите во соработка со Градежниот факултет од Скопје констатираа дека е потребно итно да се направат одредени санации на мостовската конструкција, да не се доведе во прашање статичката стабилност. До денес ништо не е случено, не се изведени некакви градежни активности и санација.

Минатата година во април, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски најави изградба на нов мост, за што биле обезбедени средства од ЈП за државни патишта. Од таму потврдуваат дека мостот е во лоша состојба, но нема прецизен одговор кога би почнала изградба на нов мост.

„Во овој момент ЈПДП ја има подготвено проектната програма и следна фаза која наскоро ќе започне е спроведување на јавна набавка за избор на проектантска куќа за подготовка на проектната документација“-соопштија од ЈПДП.

Постојниот мост е стар 52 години, изграден од ЈНА во 1971 година како времен, во должина од 101 метар. Станува збор за армирано бетонски полумонтажен тип.

Петар Печков