Да се донесе Законот за здравствена заштита, бараат матичните лекари
Младите матични лекари бараат Законот за здравствена заштита да се донесе, тој ќе им реши дел од проблемите со кои се соочуваат. Од Здружението на лекари по општа медицина реагираат дека на крај на јануари, почеток на февруари, Лекарската комора и претходниот министер ги прецизирале измените и не им е јасно што уште се чека. Од здравство одговараат-консултациите се во тек со сите засегнати страни, ќе се понудат подобри и поквалитетни решенија…

Здружението на лекари по општа медицина со петиција бараат од Министерството за здравство да го пушти во собраниска процедура законот за здравствена заштита кој Лекарската комора и министерот Сали го изготвиле на почетокот од оваа година. Доктор Ѓорѓиевски прашува зошто толку долго се чека и зошто константно се разгледуваат и анализираат веќе договорени работи. Законот е од особено значење за младите лекари кои нема да останат без работа или цела година да бараат решение, доколку лекарот кај кој се вработени се пензионира.
Мора да се донесе Закон за докторска дејност за лекарите да имаат загарантирани плати. Да се знае колку плата зема општ лекар, колку специјалист по семејна медицина, колку медицинска сестра, за да нема манипулации од страна на работодавците. Ѓорѓиевски вели, некои лекари се жалат дека не им се зголемува платата, иако се зголемува капитацискиот бод.
Од Министерството за здравство одговорија, во тек е проверка и унапредување на одредени нацрт-решенија, со цел да се понудат подобри и поквалитетни решенија за унапредување на здравствениот систем и здравствените услуги. Ќе се спроведе подетална анализа на понудените решенија, ќе се работи на прибирање и анализа на конкретни податоци и параметри во поткрепа на понудените решенија. Веќе усогласените решенија не се предмет на преиспитување и нема да претрпат значајни промени, напротив ќе бидат доразвиени и доразработени, во насока на постигнување на целта на која тие материјални решенија се засновани.
Наташа Јанчиќ-Менковски
