Свет

Русија ги испорача првите нуклеарни ракети во Белорусија

17.06.2023 15:14

Русија ја стационираше првата серија тактичко нуклеарно оружје во Белорусија. Нема сигнали оти ќе биде употребено за напад на Украина, велат од Вашингтон. На фронтот жестоки битки. Украинската армија се движи кон југ во рамки на контраофанзивата. Министрите за транспорт на Г-7, од самитот во Јапонија ветија поддршка за Киев за обнова на инфраструктурата.

Европа доби нова нуклеарна сила. Русија ги испорача првите нуклеарни ракети во Белорусија. Станува збор за оружје се мали нуклеарни боеви глави и систем за испорака наменети за употреба на бојно поле или за ограничен удар. Дизајнирани се да уништат непријателски цели во одредено подрачје, без предизвикување на широко распространета радиоактивност.

„Факт е дека имаме повеќе такво нуклеарно оружје од земјите на НАТО. Тие знаат за тоа, и цело време не убедуваат да започнеме преговори за намалувања. Првите нуклеарни полнења беа испорачани на територијата на Белорусија. Но, само првиот дел. До крајот на летото, до крајот на годината, целосно ќе ја завршиме оваа работа. Но, ова е само елемент на одвраќање, така што секој што размислува да ни нанесе стратешки пораз да не ја заборава оваа околност“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Американската влада, по објавата на Путин, вели дека нема сигнали оти Кремљ се подготвува да употреби нуклеарно оружје за напад на Украина. На фронтот и натаму жестоки битки на неколку клучни точки во рамки на контраофанзивата. Украинската армија се движи кон југ, а најактивни области се Бердјанск и Мариупол. Мировни преговори со Русија ќе бидат можни само откако Москва ќе ги повлече своите сили од окупираната украинска територија вели Зеленски по состанокот со африканските лидери.

„Да се дозволи какви било преговори со Русија сега, додека окупаторот е на наша земја, значи замрзнување на војната, замрзнување на болката и страдањето. Потребен ни е вистински мир и вистинско повлекување на руската армија од целата наша независна земја“, нагласи украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Министрите за транспорт на Г-7 ветија заедничка поддршка за обнова на инфраструктурата во Украина. Самитот во централниот јапонски град Шима се очекува да резултира со работна група за зајакнување на синџирите на снабдување како одговор на глобалните нарушувања предизвикани од руската инвазија.

Маријана Димовска