Евроинтеграција

Пет години по Договорот од Преспа, Македонија сè уште е далеку од ЕУ

17.06.2023 16:05

Пет години по потпишувањето на договорот во Нивици, Македонија е сè уште далеку од почнување на пристапните преговори. За аналитичарите ветувањето на европските претставници за брза интеграција не е исполнето. Покрај ветото од Бугарија, пречка се и внатрешно-политичките спротивставувања. Членството во НАТО е придобивката од промената на уставното име, вели Арсовски. За Никовски, Нивици за Македонија беше меѓународно понижување…

За некои делумно, за некои воопшто не се исполнети целите од потпишувањето на договорот во Нивици пред пет години. Аналитичарите се согласни дека од денешна перспектива, членство во Европската Унија не е на повидок. Факт е дека ветувањата за забрзана интеграција не се остварија, но за НАТО се остварија, вели политичкиот аналитичар Арсовски, со што земјава доби сосема друга позиција на меѓународно ниво. Според него непријатното чувство од менување на официјалното името на државата се компензира со затвореното прашање со Грција, која сега дава силна поддршка за македонските евроинтеграции, кои пак во моментов се блокирани поради внатрешни противречности.

„Македонија доби членство во НАТО, тоа е една директна придобивка, дали изгубивме?! Секако не е пријатно да морате да го смените официјалното име на земјата, но добивме сериозен сојузник, Грција која е една придобивка. ЕУ интеграцијата не е на директен повидок, овој пат поради внатрешни закочености, претходно заради бугарскиот проблем, претходно заради промената на методологијата на барање на Франција“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

За поранешниот дипломат Никовски договорот не ѝ донесе ништо позитивно на Македонија. Тој смета дека овој договор претставува меѓународно понижување на Македонија, негирање на државата и обезличување на институциите. Според него, земјава не била никогаш подалеку од ЕУ, а решението за барањата на официјална Софија го гледа во целосно поништување на добрососедскиот договор.

„Нивици е геноцид на македонскиот народ, со Нивици се откажавме од самите себе. Нема ништо позитивно од таму, освен што ѝ го отворија патот на Бугарија да се однесува вака, да нè блокира во патот кон Брисел, и Македонија никогаш не била подалеку од ЕУ. Моментално критичен е непријателскиот договорот со Бугарија, заедно со протоколите. Ако тој не се откаже во некое догледно време, Македонија нема никогаш да влезе во Европската Унија“, смета поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, одложување на уставните измени до ратификација на членството на Македонија во ЕУ, Никовски оценува дека нема да го решат проблемот, туку само ќе ја одложат капитулацијата на земјава.

Марина Стојанова-Тонева