250 учеснички на првата ноќна женска трка во Битола „Биди своја“
Околу 250 учеснички од 6 до 76 годишна возраст трчаа на првата ноќна битолска женска трка под мотото „Биди своја“. Испратена пораката до понежниот пол да биде издржлив кога треба да се избори за својата цел. Стартот го означи некогашната „битолска газела“ Вера Вељановска, нашата рекордерка на атлетските патеки…

Од тинејџерки до пензионерки под мотото „Биди своја“, на првата битолска ноќна женска трка на пет километри. Меѓу 250-те учеснички на стартот и највозрасната, 76-годишната Доста Лазаревска. Истакна дека ова е прв пат да учествува на една ваква манифестација, а ја поттикнало и мотото, но и тоа што животот и бил постојана трка.
Стартот го означи најдобрата македонска атлетичарка на сите времиња и рекордерка, Вера Вељановска. За некогашната „битолска газела“ ваквите манифестации можат да делуваат поттикнувачки за женската атлетика, која сè уште не ја дала нејзината наследничка. Причините ги гледа во условите, иако не биле пресудни.
Организаторите преку своето мото со поинаква визија. Да се поттикнат сите жени да бидат издржливи за сопствените цели. Сметаат дека во трките лежи препознатливоста на пораката.
Пред почетокот на главната трка која се очекува да прерасне во традиција, на пократка делница се одржа и детската и трката во која учествуваа и неколку лица со попреченост.
Стевче Митревски
