Летна работилница за конзервација и реставрација во Стоби
14 учесници од пет држави летово работат на летната работилница за конзервација и реставрација на керамика, стакло и мозаик од археолошкиот локалитет Стоби…

На археолошкиот локалитет „Стоби“ во тек е работилница за конзервација и реставрација на римска керамика, стакло и мозаик, на која учествуваат 14 студенти, по седум за керамика и стакло и седум за мозаик. По воведните предавања, кои се однесуваат на историјата на Стоби, историјата на керамика, карактеристики на глина и керамика и основни принципи на конзервација и реставрација, учесниците работат и конзервација на керамички садови – реплики на римски садови.
Во тек се и конзерваторските активности во рамки на работилницата за документација и конзервација на мозаик. Учениците работат на конзервација на околу 200 делови од мозаик, пронајдени во просторија во близина на храмот на Изида. Работилницата се реализира под раководство на Томе Филов, конзерватор за мозаик од НУ Стоби и Алесандро Лугарди, конзерватор за камен и мозаик од Италија.
Работилница за конзервација и реставрација на римска керамика и стакло и мозаик е во соработка со Фондација Балканско наследство од Стара Загора, Бугарија која трае од 2010 година. Годинава 14 учесници доаѓаат од пет држави, САД, Австралија, Кина, Нов Зеланд и Ирска.
Петар Печков
