Пазарот е барометар на цените, но мора да се штити од кражби
Прилепскиот зелен пазар, најголем во регионот и еден од најголемите во државава е барометар на цените, но земјоделците и препродавачите мора сами да се снаоѓаат и да се заштитат од кражби. Или приватно обезбедување или самите да стражарат. Јавното претпријатие е надлежно само за понудата на закуп на тезги, санитарни услови и хигиена. Секој сам се заштитува…

Прилепскиот пазар, најголем во регионот и еден од најголемите во земјава е барометар на цените и стандардот. Производителите и препродавачите нудат, но и стравуваат – некој да не им го украде понуденото. Месечно се случуваат кражби и се бараат решенија.
На преку 5.000 метри квадратни со над 400 тезгиња располага Прилепскиот пазар. Нуди закуп, но не и надлежност за заштита на понуденото. Закупувачите се должни да го изложат и на крајот на денот сами да си го заштитат.
Дел пазарџии си ангажирале обезбедување и не сакаат да зборуваат за тоа. Другите мора сами да се снаоѓаат. Јавното претпријатие вели дека го решило проблемот со дивите пазарџии.
Земјоделците и препродавачите нудат, јавното претпријатие изнајмува тезгиња и секој мора да се погрижи за сопствена заштита.
Елизабета Митреска
