Се намалува опасноста од поплави во кочанско
Високиот водостој на реките во брегалничкиот слив предизвика излевање на кочанска река кај село Облешево и поплави дел од земјоделските површини. Надлежните уверуваат дека состојбата се стабилизира…

Обилните врнежи ги преполнија реките од брегалничкиот слив. Водостојот на акумулацијата Калиманци, која неколку пати се излеа, од утринава се намалува и е на пет сантиметри од максимумот. Се намалува водостојот и на брана Градче, што од страна на надлежните се толкува како стабилизирање на состојбата.
Кочанска река сè уште е излеана во атарот на Облешево, предизвика штети на дел од земјоделските површини, но од утринава водата полека се повлекува.
Директорот на кочанската подружница на Водостопанство Брегалница не очекува влошување на состојбата со оглед на тоа дека врнежите престанаа, а браната Калиманци со испуст на водата кон хидроцентралата, спречи излевање и поплави од поголеми размери.
Во штипскиот регион нема опасност од поплави, водостојот на Брегалница кај Штип денес е 171 сантиметар, далеку под алармантните два метра кога е реална опасноста од излевање.
Славица Величковска
