Здравство

Пациентите со дијабет шест месеци не добиле ленти за мерење шеќер во крвта

18.06.2023 14:48

45.000 пациенти со дијабет кои се на инсулинска терапија шест месеци не добиле ленти за мерење шеќер во крвта. Реагираат поради неодговорноста на надлежните. Од Министерството за здравство велат дека јавната набавка е завршена, за десетина дена дистрибуираат во аптеките и до крајните корисници…

45.000 пациенти со дијабет кои се на инсулинска терапија, шест месеци се оставени без ленти за мерење на шеќер во крвта. Една кутија чини од 500 до 1.200 денари. Во зависност од потребите некои пациенти користат и по три кутии месечно или најмалку 1.500 денари. Претседателот на Сојузот на дијабетичари Димче Велев истакна дека освен ленти, овие пациенти имаат само еден лек на позитивна листа, а сите останати ги купуваат приватно. Лековите чинат повеќе од 1.000 денари, а потребни се по неколку кутии во текот на месецот. Тие се гневни што постојано се оставени сами да се снаоѓаат.

Пациентите прашуваат како ќе им се рефундираат парите потрошени во последните шест месеци.

Од Министерството за здравство велат проблемот наскоро ќе се реши. Завршна е јавната набавка за ленти и игли и за 10-тина дена ќе се дистрибуираат во инсулинските аптеки и до крајните корисници. Сите најнови инсулини се веќе доставени и во моментот нема недостиг од ниту еден инсулин.

Наташа Јанчиќ Менковски