Регион

Дијалогот Белград-Приштина во ќорсокак

18.06.2023 14:56

Нема разговори додека не бидат ослободени сите уапсени Срби, вели српскиот претседател Вучиќ. Косовскиот премиер Курти побара осуда од меѓународниот фактор за киднапирањето на косовски полицајци од страна на српските сили. Тензиите се посилни по неколкудневните пријави за насилство на северот на Косово.

Не запира острата реторика на релација Белград-Приштина. Српскиот претседател тврди дека Курти сака војна по секоја цена и има поддршка од одредени западни земји. Според Вучиќ, нема разговори додека не бидат ослободени сите уапсени Срби. Побара оставки од градоначалниците на општините со српско мнозинство на северот и слободен проток на стоки и услуги на административните премини на Косово. Во спротивно, вели, се кршат договорите на ЦЕФТА.

„Дадовме се од себе за да го зачуваме мирот, но колку и да се трудевме да бидеме сериозен и одговорен партнер на западните сили, тие никогаш не нè гледаа така. Дијалогот е целосно бесмислен. Не ми паѓа на памет да зборувам за не знам што, додека не се ослободат уапсените Срби“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Косовскиот премиер на почетокот на неделава ќе му даде одговор на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Борел за средбата во Брисел. Курти ја повика меѓународната заедница да ја осуди агресијата на Србија и вели дека прават сè што можат за ослободување на полицајците киднапирани од српските сили, за што Белград тврди дека се уапсени на српска територија.

„Уште еднаш ги повикуваме меѓународните фактори да ја осудат агресијата на Србија од 14 јуни, кога нивните специјални воени и полициски единици ги киднапираа нашите полицајци, нивните антитерористички единици и нивната армиска единица Кобра“, рече премиерот на Косово, Албин Курти.

Реакциите од властите на Србија и Косово следат по неколкудневните пријави за насилство. За најновиот инцидент косовската полиција демантираше дека нејзини припадници претепале две малолетни лица на патот во општина Звечан. Тензиите на северот на Косово се зголемија од крајот на мај, кога новите градоначалници требаше да почнат со работа во општинските згради. На ова остро се спротивстави локалното српско население кое ги бојкотираше изборите во април и не ги признава изборните резултати. Ситуацијата ескалираше на 29 мај, кога српските демонстранти се судрија со припадниците на КФОР во Звечан при што неколкумина беа повредени.

Маријана Димовска