Надојдениот Вардар поплави ниви и домови во тетовско
Речиси целата земјоделска површина во тетовското село Раотинце е под вода откако вчера реката Вардар се излеа по интензивните врнежи од дожд. Има поплавено домови, а водостојот на Вардар сè уште е на ризичната квота. Мештаните бараат обесштетување, но и регулација на коритото на реката, со што конечно, како што велат, би се спасиле и од поплавите…

Земјоделецот Флоре Митревски вели дека целата површина што ја засадил, му е под вода. Земјоделски род во Раотинце од кој мештаните егзистираат, оваа сезона нема да има. Ќе остане и добитокот гладен, оти и голем дел од резервите со сточна храна се уништени по излевањето на Вардар.
Штетите се големи, но допрва треба да се утврди што сè е уништено откако ќе се повлече реката. Поплавени се и десетици домови.
Реката Вардар речиси секоја година ги поплавува селата од Општина Јегуновце. Решението лежи во регулација на коритото на реката, вели градоначалникот Димитар Костадиновски.
Ние како општина немаме средства, а властите сè помалку волја, а ретко и кога мештаните се обесштетуваат, вели градоначалникот Костадиновски.
Проектот регулација на коритото на Вардар предвидува заштитни ѕидови и насипи долж критичните места на реката. Властите повеќе од две децении ветуваат негова реализација, но на терен нема никакви активности.
Од Општината најавуваат регулација, но со пари од меѓународни организации, оти како што велат, Владата очигледно сосема ги заборавила селата од овој крај.
Зоран Димовски
