Стабилна е состојбата по обилните дождови, зголемениот водостој го оштети мостот во село Пчиња
Во североистокот се стабилизира состојбата. Намален е водостојот на реките. Опасност од нови поплави засега нема. Во Крива Паланка се интервенира на терен. Затворени се неколку патни правци, поради активни свлечишта. Општината ќе бара помош од државата. Во кумановско проблем има со мостот во село Пчиња.

Врнежите престанаа, се стабилизира состојбата со водостојот на реките во североистокот. Водостојот на Крива Река е значително намален, но не и на Пчиња, поради врнежите во соседна Србија. Опасност од излевање на Липковка, Којнарка и Кумановка нема. Зголемениот водостој го оштети мостот во село Пчиња. Жителите бараат итна реакција, бидејќи стравуваат дека може да се урне.
Во Крива Паланка оштетени се локални и регионални патишта, активни се неколку свлечишта, поплавени домови. Екипи на општината и државата на терен се справуваат со штетите. Се врши насип на речното корито, се оспособуваат патишта, пешачки мостови, се чистат јавните површини. Општината сама не може да се справи со состојбата. Ќе бара помош од државата.
Општинскиот совет на седница закажана за вторник ќе донесе одлука за прогласување елементарна непогода на одреден дел од општината. Се изготвува и информација за состојбата до Владата.
Елена Георгиевска
