Македонија

Тешко оди пронаоѓањето на исчезнатите во Лепенец

18.06.2023 17:04

Тим нуркачи сè уште трага по трите лица што со автомобил паднаа во реката Лепенец. Надлежните велат дека потрагата се одвива во тешки услови бидејќи реката е длабока и брза, а со себе носи и предмети кои се опасност за спасувачите…

Продолжува потрагата по тројцата граѓани од Косово кои со возило излетаа во реката Лепенец на делницата Скопје – Блаце. Заматената и надојдена река, гранките, камења и предмети во нејзе, ја отежнуваат акцијата на надлежните служби и претставуваат опасност за нуркачите.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути информираше дека потрагата по тројцата патници од БМВ-то се одвива на неколку локации, а освен полицијата, армијата, пожарникарите, помагаат и екипи за спасување од Косово. Подобрувањето на временските услови би можело да помогне во успехот на потрагата, вели првиот човек на ДСЗС.

„Го отежнува целиот процес на пребарување, се надеваме дека утрешните часови на некој начин ќе бидат по плодни во однос на тоа дека температурите ќе бидат подобри и нивото на реката ќе биде намалено, со тоа што и процесот на пребарување ќе биде полесен и поефикасен. Значи целата мисија се одвива на тоа да не загрозуваме дополнителни животи на луѓе со тоа што тие влегуваат да пребаруваат во реката. Секој припадник кој влегува во реката може да остане максимум 30 минути“, изјави Максути.

Сообраќајната несреќа се случи откако скопјанец со „Фолксваген туран“ тргнал да претекнува колона од возила од Скопје кон Блаце.

Од Обвинителството велат дека во моментот кога двете возила се доближиле, странично се удриле, по што косовскиот автомобил со четворицата патници излетал од патот и се превртел во реката Лепенец.

Во БМВ-то имало четиричлено семејство, постариот 21-годишен син успеал да скокне од автомобилот. Пренесен е во болница и е во стабилна состојба. Се трага по неговиот помлад 16-годишен брат и неговите родители.

Марина Стојанова-Тонева