Украинската контраофанзива напредува на југ
Ниту еден од системите за воздушна одбрана „Патриот“ не е уништен од руските сили, тврди Зеленски. Контраофанзивата напредува на југ. За една недела се реализирани повеќе од сто воздушни напади. Според разузнавачки податоци, Русија и Украина претрпуваат големи загуби на фронтот…

Украинскиот претседател, Зеленски, тврди дека ниту еден од системите за воздушна одбрана „Патриот“ не е уништен од руските сили. Контраофанзивата напредува на југ. Според украинските власти, во текот на една недела се реализирани повеќе од сто групни воздушни напади врз непријателските позиции. За седум дена уништени се речиси триесетина проектили и педесетина беспилотни летала.
„Без разлика кој во Русија вели дека нашите патриоти се уништени, тие сè уште се тука, работат, сите тие соборуваат руски проектили. Ниту еден патриот не е уништен“, изјави Украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Русија и Украина претрпуваат големи загуби додека Украина се бори да ги истисне силите на Кремљ од окупираните области во раните фази на нејзината контраофанзива, соопштија британските власти.
