туризам

Економската криза не ги спречи граѓаните да заминат на летување

19.06.2023 11:12

Глобалната економска криза и новите повисоки цени на аранжманите не ги спречија македонските граѓани да одат на летување годинава. Сместувачките капацитети речиси полни. Оваа година најголем е интересот за Турција, после неа се Грција и Албанија. Од македонските дестинации најбарани се Охрид, Крушево и Берово …

И покрај економската криза и повисоките цени на аранжманите во однос на минатите години, македонските туристи и годинава ги полнат познатите туристички центри. Интересот за летување воопшто не е намален. Граѓаните велат – доволно долго штедевме изминатиов период, време е да уживаме.

Од туристичките агенции велат дека цените во однос на претходните години се покачени за околу 10 проценти. Изненадени се од големиот интерес за летување, велат дури 90 проценти од аранжманите се веќе распродадени. Годинава најголем е интересот за Турција, после неа се Грција и Албанија.

Причините поради кои Турција е на првото место, се квалитетните услуги, пристапните цени и можностите што ги нудат сместувачките капацитети. Од домашните дестинации пак најбарани се Охрид, Крушево и Берово.

 

Александра Максимовска