Тетово: Водата се повлекува, жителите очекуваат обесштетување
Водостојот на реката Вардар во тетовското село Раотинце е намален за околу половина метар, а водата од поплавените ниви и домови постепено се повлекува, велат од месната заедница. Мештаните очекуваат обесштетување, особено за земјоделскиот род, кој е целосно уништен …

За два дена се очекува водата од нивите и домовите да се повлече во коритото на Вардар. Водостојот на реката како што велат од месната заедница е намален за половина метар, но водата зад себе остави пустош на земјоделската површина. За да се засадат нови култури веќе е доцна. Оваа сезона земјоделски род во Раотинце нема да има, но на поплавените површини се очекува наезда од комарци.
Мештаните од Општина Јегуновце спасот од поплавите повеќе од две децении го гледаат во регулација на коритото на реката Вардар, што значи изградба на потпорни ѕидови на најкритичните места каде реката се излева. Ветувања има безброј, но реализација на терен нема. Од општината сега најавуваат нов проект за регулација на коритото, со помош од УНПД.
Раотинце за нецели два месеци два пати се поплави. Под вода е речиси целата земјоделска површина, а штети претрпеа и дваесетина домови.
Зоран Димовски
