САД- КИНА

Блинкен во дипломатска мисија во Пекинг

19.06.2023 14:25

Американскиот државен секретар Блинкен на дипломатска мисија во Пекинг. Се обидува да ја намали напнатоста меѓу двете земји. Кина порача - за Тајван нема да разговара. Двете страни постигнале напредок и договор за некои конкретни прашања...

Американскиот државен секретар, Блинкен, во дипломатска мисија во Пекинг во обид да ја намали напнатоста меѓу двете земји. На средбата со кинескиот претседател истакната важноста од дијалог. На бројните состаноци, кинеските преставници покажаа подготвеност да разговараат и оценија оти односите меѓу двете земји се на најниско ниво поради погрешната американска  перцепција на политиката на Пекинг. Истакната е важноста на изборот меѓу „соработката и конфликтот“.

„Двете страни постигнаа напредок и договор за некои конкретни прашања. Ова е многу добро. Се надевам посетата ќе даде поголем придонес за стабилизирање на на кинеско-американските односи. Интеракциите меѓу државите секогаш треба да се засноваат на взаемно почитување и искреност“, изјави кинескиот претседател, Си Џинпинг.

„Претседателот Бајден ме замоли да отпатувам во Пекинг бидејќи верува дека САД и Кина имаат обврска одговорно да управуваат во меѓусебните релации. Тоа е интерес на САД, на Кина и интерес на светот. Ја ценам можноста што во изминатите неколку дена разговарам за патот напред со вас“, изјави Ентони Блинкен-Државен секретар на САД.

Сепак, Кина порача - за Тајван нема да разговара. Но, војната во Украина, трговските спорови околу напредните компјутерски технологии и  човековите права во Кина беа прашањата за кои двете велесили разменија ставови. Од Москва велат дека Вашингтон продолжува да се меша во внатрешните работи на суверените земји. 

„САД не кријат дека имаат намера да направат се што е можно за да ја одвратат Кина. Злобната практика на мешање во внатрешните работи на суверените земји не престанува, формите на такво мешање се многу различни, вклучувајќи закани, уцени и шарени револуции“, изјави Сергеј Лавров- Министер за надворешни работи на Русија.

Дипломатската мисија во Кина на американскиот државен секретар следува по соборувањето на набљудувачкиот балон над американска  територија...Според Вашингтон, кинеско-американските односи се најважниот геополитички предизвик со кој се соочуваат САД.

 

Маријана Димовска