правда

Можност за измени во законот за Судски совет

19.06.2023 14:35

Министерот за правда, Кренар Лога информираше дека ја разгледуваат можноста од законски измени за да се промени составот на Републичкиот судски совет. Во тек се консултации со институции за да се изнајде модел за измена на законите...

По контроверзните случувања во Судскиот совет, власта и опозицијата деновиве ќе разговараат за целосно распуштање на ова тело. Ова го најави министерот за правда Кренар Лога одговарајќи на новинарски прашања, како едно од можните решенија по загрижувачките настани последниот период.

„Тоа што се случи во Судски совет сите не загрижува и го осудуваме тоа. Очекувам враќање во нормала. Едно од можните решенија, за кои разговарам и со политичките партии и со власта, е со законски преодни одредби да имаме престанок на мандатот на сегашниот состав на ова тело“, изјави министерот за правда Кренар Лога.

Ако има вакви законски измени, тоа ќе биде со консензус во Собранието. Затоа, ова е една од опциите коишто може да ги имаме како решение, појасни Лога.

Министерот одрече дека го добил записникот од Советот на којшто беше разрешена Дамева.

 

Игор Панов