Започнаа градежните работи за санација на дел од системот „Макарија“ кој ги остави без вода за полевање земјоделците од општините Градско и Росоман
Градежните работи на системот „Макарија“ кој имаше хаварија ќе завршат во најбрз можен рок за 45 дена. Земјоделците не треба да стравуваат по родот, кој ќе биде спасен најави министерот за земјоделие Љупчо Николовски, тој соопшти дека праските од Росоман ќе може да се извезуваат во оваа држава...

Овоштарите од регионот на Росоман, најголемиот одгледувач на праски во земјава нема потреба да стравуваат, родот годинава ќе се пласира во Украина.
Оваа вест денес ја соопшти министерот за земјоделие Љупчо Николовски, кој со премиерот Димитар Ковачевски беа во обиколка на градежните работи за поправка на системот „Макарија“. Тој на 29 мај имаше хаварија а деновиве започна негова обнова. Според Николовски таа ќе трае најмногу 45 дена во кој период треба да се поправи цевководот во должина од 400 метри. Санацијата ќе чини 1,3 милиони евра.
Како олеснување за пласман на родот на овоштарите, од Владата најавија дека летово ќе се откупат 880 тони праски, кајсии, цреши, јаболка, сливи и круши, како оброк за децата во градинките. Дилемите на земјоделците од регионот за надомест на штетите, поради тоа што немаат вода за поливање, ги расчисти министерот Николовски.
Тој побара од општините Росоман и Градско, ако има штети, комисиите да излезат на терен да извршат процена а Владата ќе ги обесштети земјоделците, како што тоа било случај минатите години.
Петар Печков
