Странски инвестиции за помала невработеност

16.05.2014 16:02

Најавено е отворање на над 10.000 работни места. Само мултинационалната ВЕИБО групација планира да вработи 5.000 луѓе. Пикираат текстилни работници од повеќе места на североистокот од Македонија...

Во првите четири месеци од годинава, повеќе од десет странски компании донесоа финални одлуки за инвестирање во земјава. Најавено е отворање на над 10.000 работни места. Само мултинационалната ВЕИБО групација планира да вработи 5.000 луѓе. Пикираат текстилни работници од повеќе места на североистокот од Македонија. Жителите очекуваат да заживее целиот регион.

„Мислам дека ќе биде подобро, ќе се отворат фабрики, ќе има работа за младите“

„Мислам дека ќе заживее градот“

„Ова е добра работа, без разлика кој ќе ја гради фабриката“ – велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Според најавите, две германски компании во охридско – струшкиот регион треба да отворат речиси 2.000 работни места, КСС во Кичево најави ангажман на 1.000 работници, украинската компанија „Енергија“ и италијанската „Дијатек“ во Бунарџик треба да отворат вкупно 350 работни места, двете британски „Ендава“ и „ЕУРО БПО“ 800...

„Верувам дека ова значително ќе се придонесе во континуираното намалување на невработеноста. Странските инвестиции се важен сегмент за намалување на невработеноста“ , изјави Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.

Паралелно со ова, и постојните странски компании го зголемија производство и ангажираа  нови работници. Нови производствени линии воведе „Ван Хол“, а претходно тоа го сторија и „Џонсон Мети“, „Текнохозе“, „Продис“, додека „Џонсон Контролс“ изгради целосно нова фабрика во Штип. 

 

Мартин Пушевски